Еден од новитетите во Центар Мајка Тереза е следењето на обуката Вовед во Монтесори педагогијата”. Обуката ја вршеше Монтесори центарот од Скопје, кои веќе 15 години ја практикуваат оваа педагогија формирајќи групи од различни возрасти (3-6 год. и 6-9 год). Обуката ја следеа 7 вработени од центарот со најразлични професии и тоа: специјални едукатори и рехабилитатори, психолог, педагог и социјален работник. Обуката ја проследија со вкупно 66 часа практичен и теоретски дел.

  • Која е Марија Монтесори?

Марија Монтесори е италијански доктор и педагог чиј живот имал многу интересен  тек. Таа најпрво започнува со студирање на медицина и станува лекар. Соочувајќи се со теоријата дека интелектуалните попречености се состојба која не може да се промени и несогласувајќи се со истата, таа го посветува целото свое внимание на оваа категорија на луѓе, каде доаѓа до заклучок дека за да почнат овие луѓе да функционираат  треба да се променат условите во кои би се третирале и луѓето околу нив. Така постепено од медицина преоѓа во полето на педагогијата, каде започнувајќи од деца со најмала возраст почнала да создава материјали со кои учењето би било многу поедноставно бидејќи сите појави и промени ги сведува на конкретно ниво. Со текот на времето нејзините материјали за работа ќе вродат со плод, а училиштата кои ја поддржуваат оваа педагогија ќе почнат да се отвараат ширум светот. Крајната цел на Марија Монтесори била таканареченото Воспитување за мирот. Тоа значи дека помалку треба да се критикуваме едни со други, да си замеруваме и потсмејуваме, а повеќе да се прифаќаме такви какви што сме и сето тоа бидејќи така треба да биде.

  • Што е Монтесори педагогијата?

Тоа е многу стара метода на воспитување и едукација на деца со типичен развој, т.е. деца без попреченост и деца со попреченост. Таа се заснова на неколку принципи кои се однесуваат на детето како личност, просторот во кој живее и учи детето и возрасните околу него.

Секогаш треба да сме свесни за сензибилноста на детето во даден момент. Тоа значи дека треба да учи и работи за тоа што пројавува интерес и истото да не е претешко за да не изгуби самодоверба. Детето секогаш треба да го оставаме да работи самостојно, а воспитувачот само набљудува и бележи како ја изведува активноста и во кој дел треба да му се помогне. Никогаш не помагаме во смисла ние да завршиме наместо детето. Овде постои едно мото а тоа е помогни ми тоа да го направам сам, односно детето учи преку обиди и грешки.

Средината е важен фактор во воспитно-едукативниот процес, бидејќи детето треба да е опкружен со материјал или играчки кои се корисни за него да научи нешто, да му помогнат да совлада некаква вештина и истиот да е секогаш ставен на место кое е достапно самото да си го земе. Всушност материјалите се потребни само во строго исконтролирана средина, инаку Монтесори педагогијата воспитува и учи во реална средина, т.е. како да се снаоѓаат децата низ животот, учејки ги основните животни навики.

Улогата на воспитувачот се сведува на првично покажување, како да се работи, а преминува во набљудување на тоа како децата ги изведуваат активностите. Помалку се зборува и објаснува, а повеќе се покажува и набљудува и во даден момент се корегираат недостатоците, со тон кој нема да ја сруши самодовербата кај ниедно дете.

Работата во група ги учи децата на почитување на другиот, трпеливост кон другиот, но во исто време и помагање еден со друг. Додека еден материјал го работи едно дете, другите треба да го прашаат дали може да им се придружи, но сепак дава можност за социјална интеракција помеѓу повеќе деца.

Сите овие принципи на работа се спроведуваат низ неколку области на учење и тоа: практичен живот, развој на сетила, математика, јазик и космичко воспитание. Децата имаат можност во зависност од нивниот степен на развој и нивниот интерес да научат да претураат со лажица, да претураат течности, да закопчуваат копчиња и патенти ,да нижат, ги учат мирисите, вкусовите, боите, звуците, мерките за големина, броевите и нивната количина, буквите, учат читање и пишување, па се до стекнување знаења за природата, сите материјали околу нас и планетите и целиот сончев систем. Марија Монтесори е изумител на безброј материјали кои се направени да сето ова може да се научи на едно конкретизирачко ниво, кое ниту една друга педагогија или метода не го нуди.