Oсновач и според неа именуваната метода е Марија Монтесори.

Монтесори дизајнирала “подготвена околина” во која децата можат да избираат помеѓу големиот број развојни активности.  Клучна карактеристика на Монтесори педагогијата е почитта на детето. Почитувањето на индивидуалноста на детето во Монтесори педагогијата значи давање слобода на избор на активности во специјално подготвена околина, која одговара на детската природа.  Подготвената околина му дава слобода на детето да учи и да се развива според сопствен ритам, според неговите потенцијали, можности и интереси. Детето само ја избира својата работа. Тоа никогаш не се форсира да работи нешто за што не е подготвено или нешто што е премногу елементарно и досадно за него.

Во околината поделена на разни области децата почнуваат со работа со конретни материјали од областа на практичниот живот и сетилата, а потоа напредуваат кон поапстрактните области, математика и јазик; во рамките на секоја област децата прво започнуваат од наједноставните материјали, активности и постепено напредуваат кон посложените; за секој материјал обично постои поедноставен и посложен начин на работа.

Во областа практичен живот се работи на: грижа за себе, грижа за околината, форми на однесување во заедницата, контрола на движењата (фина и крупна моторика).

Во делот на сензорен развој активностите се наменети за изострување на сетилата кои децата во предучилишна возраст многу ги користат.

Во делот на академски вештини се работи на будење на интересот за пишување, читање, математика, природни науки, уметност и космосот.

Кај поголем дел од Монтесори материјалите изолиран е само еден квалитет, како на пример боја или величина, со цел детето да може да се концентрира на еден проблем.  Материјалите даваат можност за контрола на грешка, односно му овозможуваат на детето само да ги согледа грешките и да ги корегира без да се плаши од правење грешки.  Материјалите се така дизајнирани да сами го водат детето до откритија и стекнување знаења, така што детето самото ги активира своите сетила. Материјалите овозможуваат многу појави насекаде околу нас кои сами по себе се апстрактни да се конкретизираат. Секој материјал е само во еден примерок, така што децата заедно се договараат кој ќе го користи некој материјал и дали ќе го сподели со друго дете. Сето ова овозможува да се развива социјализацијата кај децата. Овие карактеристики на материјалите ги охрабруваат децата да стануваат се понезависни од возрасните во стекнувањето на знаења и да ја задоволат нивната желба и страст за учење.

Карактеристично за Монтесори училницата е тоа што мора да е подготвена за самостојна работа - тоа значи подготвена за развој и учење преку самостојна активност на децата.

Монтесори педагогот во поголемиот дел од времето ја набљудува работата на детето и го води низ предходно утврдените сензибилни фази и способности. Тој покажува, а не насочува, набљудува и се воздржува од вмешување додека трае активноста.

Групите не случајно се мешани,како во смисла на различното темпо на развој,така и во смисла на различна возраст. Поголемите се учат да помагаат на помалите, децата кои каснат со своите развојни фази учат од оние кај кои развојот се одвива со типичен редослед. Во Монтесори педагогијата секое дете може да го најде своето место, без разлика дали е талентирано дете или не, или дете со посебни потреби или со типичен развој. Секое дете добива толку поддршка колку што е потребно, а различните способности на поединци само придонесуваат полесно да се прифати природниот тек на заедницата каде секој се прифаќа онаков каков што е и придонесува онолку колку што може.